Thursday, November 13, 2014

Tose Proeski

Тодор Тоше Проески
" Ве Сакам Сите"
Биографија
Рани години

Тоше на детскиот фестивал Златно славејче - Скопје, 1992 година

Роден е како Тодор Проески во Прилеп, во влашко семејство, чие постојано живеалиште било Крушево.Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот “Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на “Макфест” со композицијата “Пушти ме". Тоше работи со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која ќе му донесе два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издава својот деби-албум "Некаде во ноќта" кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.

Во 2000 година Тоше учествува на “Скопје Фест” (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната "Солзи прават златен прстен" која, и покрај тоа што победува на теле-воутингот, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победнициите XXL. Во овој период почнува да ги снима и песните за својот втор албум “Синот Божји" кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како "Немир" (дует со Каролина Гочева), "Во коси да ти спијам", "Излажи ме уште еднаш", како и "Илузија" и "Тајно моја", две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот "Сунчане скале" во Херцег НовиЦрна Гора).

Српската продукциска куќа “BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродани концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

 

Ѕвездена слава
Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум "Ако ме погледнеш во очи" на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот "Беовизија" со песната "Чија си" која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.

Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој е в својата кариера е и учител на Лучијано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.

Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија - This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима “Krajnje Vreme” со словенската пејачкаАња Рупел. Во 2005, неговиот петти албум “По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот - неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.

Неговиот следен албум - Божилак - е компилација на 14 избрани македонски народни песни пропратени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници - неговиот последен албум.

Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) оддржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје беше посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот беа присутни повеќе од 40.000 посетители.

 

Композитор и текстописец
Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе - Има ли ден за нас?, Слушаш ли?, Малечка и Полско цвеќе. Во 2004, Проески ја компонира и Муза - голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.


Тоше Проески на натпреварот за песна на Евровизија 2004

Тоше Проески на Евровизија 2004 со песнатаLife

На 49-тото издание на Изборот за песна на ЕвровизијаМакедонија ја претставуваше нејзината најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше се претстави со песната Life, која всушност беше преработена верзија на оригинално избраната Ангел си ти.

Оваа песна беше избрана на 14 февруари 2004 година, во конкуренција со уште седум други песни од еминентни музички имиња, напишани специјално за Тоше.

Инаку, музиката и аранжманот на песната Ангел си ти се на Јован Јованов, а текстот на Илија Николовски. Оваа композиција беше убедливо најдобра, како според телевоутингот, така и според 11-членото жири, а најмногу му се допадна и на самиот Тоше.

На Изборот за песна на Евровизија, Тоше со својата моќна и енергична изведба како и со придружните вокали кои направија артистично шоу на сцената, успеа да се пласира од полуфиналната на финалната вечер. На финалната вечер, со освоени 47 поени се пласираше на 14-тото место.

Иако Тоше не беше задоволен од својот пласман, поради познатата соседска размена на гласови, како и поради самиот евровизиски концепт кој не бара врвни пејачки квалитети, туку акробации и жонглирање на сцена, сепак Македонците достојно ја пречекаа својата ѕвезда при враќањето од Истанбул во толкава бројност и толкава еуфорија, исто како Тоше да победил на Евровизија. 
Сообраќајна несреќа
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години. Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на со-возачкото седиште во возилото Volkswagen Touareg кој со голема брзина удира во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Останатите двајца патници - возачот Ѓорѓе Георгиевски поминува со потешки додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ со полесни повреди. И двајцата се вон-животна опасност.  
Последното испраќање на Тоше 

Телото на Тоше, пречекано на аеродромот Александар Велики од премиерот и висока владина делегација


Телото на Тоше пристигна на аеродромот "Александар Велики" од Хрватска, на 16 октомври, околу 23 часот, со хеликоптер на Армијата на Република Македонија. Целата нација со солзи го пречека во родната Македонија, со оглед на тоа дека настанот беше пренесуван од сите национални телевизии. На аеродромот, неговото тело беше пречекано од неговите најблиски и од владина делегација на чело со премиерот Никола Груевски. Беше организирана мала процесија од страна на почесната гарда на Армијата. Во сите македонски градови и села веќе беше отпочнато оплакувањето на најомилениот естраден лик и македонска национална гордост. На плоштадот "Македонија" во Скопје, масовно се палеа свеќи, а народот спонтано излегуваше на улиците за да го пречека и испрати на патот до Крушево.

Погребот на најголемата македонска музичка ѕвезда започна утредента во 13 часот, откако претходно беше одржана комеморација пред споменикот Македониум. "Крушево и Македонија уште од Илинден 1903-та не ги обземало таква тага и очај. И со право, зашто изгуби ангел. Продолжи Тоше да пееш, на небото, придружуван од ангели" - се прости архиепископот г.г. Стефан од „ангелскиот глас“. Овие зборови на архиепископот г.г. Стефан најдобро ја опишуваат атмосферата во која Македонија се прости од својот „ангелски глас“ Тоше Проески. Со липање и со неизмерна почит верната публика и на крушевско Гумење му го подари последниот аплауз на својот сакан. Премиерот Никола Груевски во обраќањето рече дека Тоше нè научи на чистота, на јасност, на упорност, на скромност, на хуманост, на искреност. - Нè научи на вредности на кои треба да почива универзумот. "Ни остави песна за да нè теши и да нè потсети како е да се биде човек" - рече Груевски на комеморацијата пред неколку илјади крушевчани, Македонци, почитувачи на Тоше, кои како река дојдоа да се простат со својот миленик. Тажното простување од големата ѕвезда почна уште во 11 часот, во црквата „Пресвета Богородица“, каде што Тоше бил крстен. Од црквата ковчегот беше ставен на лафет од каде што поворката тргна кон месноста Гумење, кајСпоменикот на крушевската револуција. Актерката Весна Петрушевска со говор се прости од својот пријател. - "Најстрашно е што Македонија го изгуби најдоброто нешто. Мислам дека умре надежта. Мислам дека умре најголемата ѕвезда што некогаш се родила во Македонија".
Реакции по смртта на Тоше 

Веста за смртта на Тоше Проески е објавена од најголемите светски новински агенции. Најголем дел од нив го нарекуваат „најголема балканска ѕвезда“, а Би-Би-Си, неговата слава на Балканот ја поистоветува со онаа на Елвис Присли во САД.
По повод смртта на Тоше Проески, на главниот плоштад во Скопје се отворени книги на жалост, а илјадници скопјани оставаат пораки, палат свеќи и се потпишуваат во книгата на жалоста.

Отворена е и петиција за името на Тоше Проески да го носи Средното музичко училиште во градот Битола, каде учел Тоше Проески. Истата петиција важи и за промоција на хуманитарен фестивал кој ќе се одржува секоја година на денот на неговата смрт 16 октомври и кој ќе го носи неговото име и ќе опфаќа музичари од сите музички жанрови, се со цел да им се помогне на сите оние на кои им треба хуманитарна помош.

Спомен куќата на Тоше Проески-Крушево



Црквата „Преображение Господово“ што Тоше започна да ја гради
Спомен собата на Тоше Проески